Пожар му го уништи целиот имот – Тони бара помош за да ја изгради повторно куќата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со болка го гледа просторот каде што некогаш беше дневната соба. Сега таму нема ниту мебел, ни врати, ни прозорци.

Тони Атанасовски од Драчево, Кисела Вода остана без дом, откако синоќа целата куќа изгоре до темел. Се враќав од работа кога некои од соседите ми рекоа дека гори куќа, јас без да знам за чија куќа се работи, отрчав кон  мојата куќа која веќе беше во пламен, раскажува тој. Протипожарните возила пожарот го изгаснале по 40 минути но не спасиле ништо од имотот на Атанасовски.  Ноќта ја минал во месната заедница.

Според првичните информации, неофицијално куќата изгорела поради неисправна електрична инсталација, меѓутоа сопственикот негира, вели дека струјата не била вклучена поради неплатени сметки.

Полицијата се уште нема детали за причините за пожарот.

На 23.12.2021 во 18.10 часот, Т.А. (42) од Скопје пријавил дека  во неговата куќа во Драчево избувнал пожар. Пожарот е изгаснат од противпожарната единица. На местото на настанот излегле и полициски службеници од СВР Скопје.

Куќата беше нова, ја изградив со моите родители, вели Атанасовски за ТВ21.

Оваа куќа била единствениот имот кој останал од неговите починати родители, но сега остана и без неа. Тој очекува општината и црквата да се солидаризираат и да му помогнат да ја изгради повторно.