Пожарот кој ги зафати полињата во селото Теарце опожари големи површини со ниви и земјоделски култури. Според пожарникарите и општината, главна причина се сомнева дека е човечкиот фактор. Територијалната противпожарна единица интервенирала околу 5 до 6 часа со сите расположливи капацитети.
„Приближно 5 или 6 часа интервениравме на овој терен со сите капацитети што ги има станицата во Теарце и Тетово, односно сите бевме вклучени тука. Исто така, вчера имавме многу други интервенции во Тетово на отворени површини, вкупно околу десет пожари имаше вчера во Тетово. Во текот на еден месец имаше околу 30 интервенции што ги направи само подстаницата во Теарце, додека станиците во Тетово и Боговиње имаат огромно зголемување на пожарите и познато е дека човечкиот фактор е главниот, односно и фрлањето стакло на несоодветни места што предизвикува пожари со вакви размери.“, вели Авни Амети.
Градоначалникот на Теарце, Даут Мемиши, изјави дека фактот што пожарот се проширил на повеќе точки создава сомнежи за намерно подметнување и најави законска одговорност за сторителите.
„Вчера преку социјалните мрежи упатив повик за полињата во Теарце, бидејќи размерите на проширениот пожар беа големи. Сè уште немаме констатирано, но првичните забелешки и на пожарникарите, бидејќи пожарот бил проширен на четири различни точки, укажуваат дека станува збор за намерно предизвикан пожар. Апелирам пријателски до граѓаните да бидат внимателни, бидејќи оваа недела ќе биде најтоплата во годината, а бидејќи има пожари и на други места, екипите за воздушна интервенција се ангажирани. Вчера побаравме и воздушна интервенција, но благодарение на пожарникарите од Тетово пожарот брзо беше локализиран. Им се заблагодарувам и на жителите кои помогнаа четири до пет часа, со што успеавме да го локализираме. Денес на терен се екипи за да се утврди колкава површина е изгорена, но спречивме пожарот да ја зафати и Општина Јегуновце.“, вели Даут Мемиши.
Мемиши додаде дека само во текот на еден месец во овој регион имало околу 30 интервенции, поради што упати апел до граѓаните да бидат внимателни, особено во неделата со високи температури, бидејќи, како што рече, пожарите го загрозуваат и општинскиот буџет и екипите за итни интервенции.
