Пожар во термоцентралата Осломеј – ЕСМ: Нема поголеми штети, веднаш ќе се изврши санација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Термоцентралата во Осломеј синоќа го прекина производството поради проблем со еден од вентилаторите во делот за отстранување пепел, што доведе до самозапалување на мала количина несогорен јаглен и пепел. Од Центарот за управување со кризи во доцните часови за ТВ21 изјавија дека интервенирала противпожарната единица во Кичево.

„Во периодот од 20:15 до 23:45 часот, 5 пожарникари и 2 возила интервенирале при пожар во ТЕЦ – Осломеј на местото каде што биле сместени турбините“, велат од РЦУК Охрид.

Само неколку минути подоцна од ЕСМ информираа дека предизвиканиот пожар, кој е од мали размери надвор од термоцентралата, бил лоциран со сопствени ресурси, со што ги демантираше информациите дека пожарникарите го изгаснале. Од ЕСМ велат дека од превентивни причини била повикана противпожарна служба, согласно процедурите за постапување. Тие негираа дека се запалиле турбините, туку рекоа дека пожарот настанал во вентилациониот дел.

„Веднаш ќе се направат поправки во делот за вентилација за отстранување на пепел и се очекува во најбрз можен рок термоцентралата да се врати во погон и да работи според планот за производство, за што е набавено доволно количество јаглен како и дека е обезбеден јаглен  од рудниците на ТЕЦ Осломеј“, велат од АД ЕСМ.

Според ЕСМ, ова нема да предизвика недостиг на електрична енергија во системот, односно потрошувачите ќе се снабдуваат преку други производствени капацитети. Исто така, од ЕСМ потврдуваат дека во делот на комбинатот е пристигната и носечката единица од трансформаторот за блок 3 во РЕК Битола. Потоа доаѓа фазата на инсталација и процесот на пуштање на блокот во производство во следните десетина дена.

ТВ21 побара од ЕСМ да ни дозволат да снимаме на местото каде што имало пожар, но на поднесеното барање не добивме никаков одговор.