Речиси 500 пожарникари се мачеа да го локализираат големиот шумски пожар што се закануваше на предградијата од Атина, откако стотици жители беа евакуирани во текот на ноќта.
„Полицијата и другите власти ни рекоа да си одиме, но многу е тешко некој да тргне и да го напушти својот дом. Обично, иако не треба, останувате“.
Најмалку две лица се хоспитализирани во грчката престолнина со проблеми со дишењето и мали изгореници, додека локалните власти соопштија дека неколку куќи изгореле во пожарот околу планината Пентели, 25 километри североисточно од Атина.
„Да, бев тука. Го видов пожарот на сртот преку патот. Чекавме да видиме кон кој правец ќе се движи. Бевме дома до 3 часот наутро. Кога видовме дека се спушта и ние отидовме за Драфи, бевме принудени да заминеме. Ги оставивме нашите имоти, нашите домови, кои како што можете да видите… од една искра што влезе во просторот за складирање…затоа што температурите беа многу високи, прозорците и сè се скршија, а половина од куќата беше уништена“, посочи Константина Ифанти.
Портпаролот на Противпожарната служба Јанис Артопиос изјави дека пожарот е ставен под контрола.
Грција го избегна топлотниот бран што моментално ги погодува земјите во Западна Европа, но пожарникарите велат дека топлите и сувите услови кои траат со недели, како и долгорочните покачувања на температурата, го зголемиле севкупниот ризик од шумски пожари.
Повеќе од 1.300 квадратни километри земја беше оштетена од шумските пожари во Грција минатата година, што е најголема штета забележана од 2007 година.
