Пожарот во кавадаречкиот регион, кој ги мобилизираше надлежните служби во текот на изминатите денови, и натаму е активен, иако неговиот интензитет е значително намален.
Пожарникарите работеа непрекинато во текот на целата ноќ, а од утринава во 6:00 часот продолжија со интервенциите на два правци за да спречат повторно ширење на огнот, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
На правецот од селото Дреново кон месноста Ќесендре се ангажирани екипи од ЈП „Комуналец“ – Кавадарци, Министерството за внатрешни работи, подружницата „Бор“ на ЈП Национални шуми и Територијалната противпожарна единица Кавадарци, со повеќе специјализирани возила и пожарникари.
Во исто време, во реонот на селото Раец интервенираат екипи од ЈП „Комуналец“ – Кавадарци, ТППЕ Кавадарци, ТППЕ Неготино и Министерството за внатрешни работи, кои со координирана акција работат на локализирање и целосно ставање под контрола на пожарот.
Надлежните служби остануваат на терен и будно ја следат состојбата, а активностите за гаснење продолжуваат сè додека огнената стихија не биде целосно изгасната.
