Православните христијани го слават Божиќ – Државниот врв со честитки: Празникот да донесе мир и благосостојба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, традиционално е централното место за божиќната литургија со која чиноначалствуваше поглаварот на македонската православна црва, архиепископот Г. Г Стефан.

Голем број на граѓани присуствуваа на литургијата, со цел да го одбележат големиот христијански празник.

На литургијата присуствуваше и државниот врв. На граѓаните им посакаа мир, здравје и благосостојба.

-Јас не видов денеска намуртен човек, сите се насмеани и сите си ветуваат сами себе си дека од денеска па натаму ќе бидат уште подобри, ќе го гледаат кај другиот најдоброто, ќе го поттикнуваат кај другиот доброто, ќе трагаат по светлината, односно ќе трагаат по богот во себе, изјави претседателката Гордана Силјановска Давкова.

-На православните христијани да им го честитам Христовото раѓање, Христос се роди-Вистина се роди, а на сите граѓани да им посакам пред сè здравје среќа и мир во домот. Тоа е она што ни е потребно и мислам дека е важно во годината што следи, вели премиерот Христијан Мицкоски.

-Во мое лично име и во име на сите пратеници, ја изразувам желбата овој празник да донесе мир, здравје и благосостојба во вашите семејства. Нека овој период послужи како поттик за заедничка одговорност, разбирање и граѓанска соработка, изјави Африм Гаши, претседател на Собрание.

На литургијата присуствуваше и претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.

-Посакувам мирни празници, посакувам весели празници на сите верници кои денеска го празнуваат овој празник. Ова е традиционален повод да се собере семејството, да се соберат најблиските, да се покаже почит, да се покаже грижа. Посакувам денот да помине мирно, а во мирот во овие турбулентни времиња ни е и тоа како потребен за да можеме да продолжиме општеството да го градиме, да биде праведно, да биде толерантно, да биде слободно, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

„Христос се роди, навистина се роди“. Овој поздрав се користи за денешниот ден. Божиќ се слави три дена. Божиќното утро почнува така што рано в зори се слушаат камбаните од сите православни цркви и храмови, се облекува свечена облека и се оди во црква на божиќна литургија. Утрото на Божиќ се појадува од Бадниковата трпеза. Исто така од овој ден се прекинати божиќните пости. Семејствата со помали деца наутро после појадокот се приготвуваат и заминуваат на гости кај своите најблиски. Според верувањата, целта на овој празник е, да се поврзат луѓето на овој ден со Бога и со своите најблиски.