Православните верници го празнуваат големиот христијански празник Водици или Богојавление, ден кога се одбележува крштевањето на Исус Христос во водите во реката Јордан. Поради тоа овој ден се одбележува со тоа што свештениците фрлаат крст во водите на реките или езерата при што а луѓето скокаат во водата да го фатат. Точно на пладне архиепископот Господин Господин Стефан го фрли крстот во реката Вардар а 24-годишниот Дарко Митровиќ беше тој што успеа да го фати. Мартин Гоџо пак го фати крстот во Охрид, каде што беше и претседателката Гордана Силјановска Давкова која го честиташе големиот празник.
„Ова е нешто што не прави посилни, не прави подобри луѓе, не прави подобри верници, бидејќи ова е моментот кога Бог се јавил и тоа во сите свои три лица“, рече Гордана Сиљановска Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски пак порача дека Водици носи силна порака за верата, храброста и за подготвеноста да се оди по правилниот пат дури кога тој е тежок.
„Богојавление е празник на откровението, на прочистувањето и на обновата, ден кога водата, како извор на живот, не потсетува на потребата од духовна и морална чистота. Нека Богојавление – Водици ни донесе духовна сила, трпение и мудрост“, порача Христијан Мицкоски.
Честитки за празникот Богојавление стигна и од претседателот на Собранието Африм Гаши
„Овој празник ја носи пораката на духовно прочистување и надеж, потсетувајќи не на значењето на заедништвото и посветеноста во градењето напредна и праведна држава. На православните верници им посакувам овој ден да донесе внатрешен мир, а во нивните домови здравје, благосостојба и спокој“, вели Африм Гаши.
Претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче кој присуствуваше на фрлањето на крстот го честиташе големиот празник.
„На момчето кое што и годинава исто како и лани го фати крстот му посакувам многу успех и среќа оваа година. Тоа што скокна во ладните води на Охридското езеро е доказ за една голема храброст, голема умствена и телесна сила“, рече Венко Филипче.
Честитки за празникот до граѓаните беа упатени и од голем број министри, претставници на политичките партии како и претставници на верските заедници во земјава.
