Тишина и спокојство низ улиците на село Гошинце во општина Липково. Тешко е да сретнеш човек, а уште помалку некој млад.
И покрај тоа што се отворени, залудно ќе тропнеш на вратата на некоја од овие куќи. Никого нема, бидејќи со години се напуштени.
„Ова е едно од многуте ненаселени куќи во селото Гошинце, жителите или семејството од оваа куќа се преселиле во Австрија, за подобар живот“, вели репортерката на ТВ21.
Посетивме една од 15-те куќи кои останале населени, каде не пречека една 90 годишна старица. Алија се омажила на 15 години и ни раскажува каков бил животот тогаш и сега.
„Животот беше подобар, но сега е сменето, нема работа, момчињата немаат што да прават. Сега има многу малку луѓе. Каде отидоа? Ги нема, отидоа во далечните земји, таму повеќе заработуваат. А млади дали има? Нема ниту млади, сите отидоа далеку, малкумина останаа“, посочи Алија Биљали.
Економските услови, невработеноста, инфраструктурата, немањето здравствен дом, се меѓу причините кои со години ги принудуваат селаните, а особено младите да си заминат во европските земји или земјите од регионот.
„Овде моментално се населени од 15 до 20 куќи, претходно беше повеќе населено со околу 100 куќи. Имаше повеќе ученици, во паралелката имаше 12-13 ученици, сега бројот падна по 4,5,6, работиме со комбинирани паралелки“, вели Ќерим Зибери.
На влезот од селото имаше кафетерија. Ја отворил жител кој се преселил во Арачиново, но се вратил во родното место.
„Овде завршив осмо одделение, потоа отидовме во Арачиново, по некое време се вратив овде, доаѓав само за викенд ама овде ми се виде подобро, ми кажаа и децата, добар воздух, добро место“, посочи Башким Синани.
„Живеам овде во Гошинце, се преселив пред три години, но пак се вратив овде. Се вратив да го оживеам селото, за да не си одат луѓето, да чувам стока овде. Има добра природа, вода и клима, сите убавини“, додава Сокол Синани.
Патот кој води до селото е неасфалтиран, но градоначалникот на Липково Еркан Арифи вети дека условите ќе се подобрат.
„На излезот од браната Глажња при крај сме со урбанистичкиот план, наменет за развој на планинскиот туризам и рекреација, кој на инвеститорите ќе им овозможи услови за инвестирање. Исто така локалниот пат од гробиштата во Липково во правец на браната Глажња ќе се асфалтира во должина од 3,5 километри, согласно сите потребни стандарди. Проект добиен од Светска банка, предводен од Министерството за транспорт и врски“, порача Еркан Арифи.
Инаку, селото Гошинце лежи на падините на Карадачкиот регион во Куманово, во пограничната зона на Македонија и Косово. Тоа е едно од најголемите планински села во оваа област.
