Маршираа од плоштадот „Скендербег“ до канцелариите на ЕУ за да изнесат неколку барања. Велат дека органите на Македонија се глуви за нивните барања и затоа решиле да ги изнесат пред канцелариите на ЕУ. Бедри Хајдари, роднина на осудените во случајот „Монструм“ бара меѓународна истрага за петкратното убиство кај Смилковското езеро.
-Ги повикувам да ни помогнат и да го следат случајот. Да влијаат и да извршат притисок врз владините органи во РСМ, за случајот да се разгледа сериозно и доколку има можност за нови вештачења, бидејќи тогашните вештачења покажаа дека ги фалсификувале документите и не понесоа никаква одговорност-вели Бедри Хајдари.
И Идриз Синани, претседател на Здружението за човекови права, вели дека за сите монтирани случаи, како што ги нарече тој, потребна е меѓународна истрага.
-За случајот „Монструм“, „Алфа“, „Сопот“, „Диво Насеље“ во Куманово, како монтиран процес со трагични размери и со бројни последици по судбината на поранешните воени команданти од 2001-ва. Нашето барање беше во овој случај да се вклучи и меѓународниот фактор за да направи подетални истраги околу тоа што точно се случило во овој процес-вели Идриз Синани.
Протестот беше со мал број демонстранти поради високиот број заразени со Ковид 19. Тие велат дека нивната цел е да испратат порака со зборови, а не викотници и нереди.
