Предлог-буџетот за 2024 година помина на Влада, тежи 5, 5 милјарди евра

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

 Предлог-буџетот за 2024 година денеска помина на владина седница. Владата го карактеризира како развоен и одржлив Буџет кој ги има сите карактеристики за истовремено да го поддржи развојот, но и да ја обезбеди фискалната одржливост. Расходната страна е проектирана на 343,6 милјарди денари или за 5,8 проценти  повисока во однос на 2023 година, а приходите на 310,1 милјарда денари и се повисоки за 10 проценти. Буџетскиот дефицит е за околу 9,2 милјарди денари понизок во однос на 2023 година што, според Владата, ќе значи помало задолжување за 150 милиони евра.  

Очекувањата на Владата се дека опоравувањето на домашната економија догодина ќе забрза, со проектиран раст од 3,4 проценти во услови на раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка. Двигател на растот се очекува да бидат бруто-инвестициите, со очекуван раст од 8,4 проценти како резултат на јавните инвестиции, односно големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, придружени со мерките за поголема реализација на капиталните инвестиции. 

Стапката на инфлацијата во 2024 година се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6 проценти во услови на одржување на стабилно ниво на цените на енергенсите и храната на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација. 

Предлог-Буџетот за 2024 година, како што рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција, е одговор на потребите и состојбата во која се наоѓа македонската економија.

Со него се гарантира редовна исплата на платите, пензиите и социјалната помош, како и подмирување на другите потреби на граѓаните и сервисирање на обврските на државата. 

– Буџетот за 2024 година ќе биде столб на економското заздравување, а понатаму и на забрзување на растот. Тој ќе обезбеди фискална одржливост преку понатамошно спроведување на процесот на фискална консолидација. Буџетот ќе биде добра основа за зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување на странски инвестиции, иновативност на домашните компании, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, како и интензивирање на конвергенција на Република Северна Македонија кон ЕУ. Исто така, тој ќе овозможи редовно и непречено извршување на сите законски обврски, вклучително и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО, рече Ковачевски.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во своето обраќање рече дека буџетот е изработен во извонредно тешки глобални времиња кога е тешко да се предвидат работите. Се продолжува со политиките за намалување на инфлацијата, а одржливоста на Буџетот, според Бесими, се гледа во тоа што се продолжува со намалување на буџетскиот дефицит.

Во него се проектирани средства за понатамошно покачување на платите во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор, како и за покачување на пензиите согласно воспоставеното системско решение. Околу 45 милиони евра повеќе се обезбдени и за набавка на лекови меѓу кои околу 12 милиони евра за лекот „Трикафта“.  

– Целиот предизвик беше дали со овој раст ќе се зголеми дефицитот. Покрај растот, одиме со понизок дефицит од 150 милиони евра, рече Бесими. 

Во делот на приходите, вкупните даночни приходи се проектирани во износ од 178,1 милијарди денари, што е за околу 10 проценти над износот на приходи планиран за 2023 година. Најголем пораст е планиран кај приходите од данокот на личен доход кои се проектирани на 31,1 милијарди денари, што претставува раст од 17,4 проценти во однос на годинава. Приходите од данокот на добивка се проектирани на ниво од 19,5 милијарди денари, приходите од данокот на додадена вредност на ниво од 80,7 милијарди денари, а приходите по основ на акцизи е предвидено да изнесуваат 31 милијарда денари.

– Главната цел на даночната политика е постигнување на одржлив економски раст и развој и фискална консолидација на јавните финансии на среден рок, притоа обезбедувајќи правна сигурност за даночните обврзници и редовна наплата на јавните приходи. Приоритети се поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и продуктивност на даночниот систем, зголемена даночна транспарентност, подобар квалитет на услугите, рече министерот Бесими.

Во 2024 година се очекува да продолжат и позитивните движења на пазарот на труд со раст на бројот на вработени за 2 проценти, што ќе резултатира со дополнително намалување на стапката на невработеност.