Уште еден од клучните закони кои се дел од реформите на правосудниот систем, а тоа е Законот за Советот на јавни обвинители, се најде на јавна расправа. Образложувајќи го предлог решението Александра Дејановска Трендафилова професорка на Правен и член на работната група која го изготвуваше законот, рече дека е посветено внимание на зајакнувањето на улогата на Советот на јавни обвинители, но и дека од Венецијанската комисија добиле одредени забелешки.
„Добивме забелешки за две основи, а тоа е влијание на самостојноста на јавниот обвинител од страна на член на Советот, дополнето дека тоа би значело мешање во некој конкретен предмет. Самите членови на работната група кои што доаѓаат од редот на членови на Советот на јавни обвинители кажаа дека за нив тоа не е нејасна одредба, точно знаат што значи повреда на самостојноста, тоа се врши пак преку влијание врз конкретен јавен обвинител како да постапува во одреден предмет од позиција на член на Советот.“, изјави Дејановска-Трендафилова.
Професорката Ана Чупеска пак нема добро мислење за предлог законот, вели дека во јавност се ветуваат реформи но во суштина се нуди решение кое е во спротивност со стандардите на Венецијанската комисија и дека со тоа се нарушува самостојноста на јавните обвинители.
„Ваквата институционална халуцинација би рекла, е во директен судир со стандардите на Венецијанската комисија за транспарентност и за инклузивност во законодавниот процес. И оваа нечесност во зачнувањето само го најавува она што следи во внатрешната архитектура на предлог законот каде декларативната природа на член 2, на пример кој наводно ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители останува празна фраза без конкретни заштитни механизми“, рече Чупеска.
Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во судот за човекови права во Стразбур забележа дека голем дел од одредбите се само декларативни кои во иднина во праксата ќе предизвикаат проблеми. Таа стави забелешка за изборот на членови во Советот на јавни обвинители во кој се предвидува да не може да биде избран последователно неколку мандати, туку мора да има пауза.
„Не слушнав ниеден збор за континуитетот. Вие рековте дека треба да се направи прекин за да не се даде можност постојано едни исти лица. Повторно некој деклараторен пристап. Ако континуитетот е битен и ако континуитетот значи успешност во работењето тој не можеме да го минимизираме и не можеме да го тргнеме.“, рече Николовска.
Предлог законот за Советот на јавни обвинители заедно со предлог законот за Јавно обвинителство се дел од реформската агенда во правосудството кој треба да се најдат пред пратениците на усвојување.
