Денешната седница на Собранието заврши со бурни реакции откако пратениците на СДСМ ја напуштија пленарната сала. Причина за нивниот чекор беше одбивањето на владејачкото мнозинство да го стави на дневен ред предлог-законот за минимална плата, кој ги содржи барањата на Сојузот на синдикати на Македонија за зголемување на минималната плата на 600 евра и за покачување на останатите плати за најмалку 100 евра. Истовремено, пред Собранието се одвиваше протестна блокада организирана од синдикатите.
Од СДСМ информираа дека нивната пратеничка група побарала дополнување на дневниот ред со законското решение, но предлогот не беше ставен ниту на расправа, ниту на гласање. Опозицијата оцени дека ова претставува директно кршење на деловничката процедура и воведување на двојни стандарди во работата на законодавниот дом.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, потенцираше дека правата на опозициските пратеници не смеат да бидат помали од оние на пратениците од власта и побара претседателот на Собранието, Африм Гаши, јавно да образложи зошто предлогот за зголемување на минималната плата не бил ставен на гласање, и пред пратениците и пред граѓаните кои протестираа пред парламентот.
Спасовски објасни дека предлогот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата бил поднесен на 31 јануари, што ги исполнува условите за негово разгледување на седницата. Дополнувањето или корекцијата на текстот, според него, не претставува ново поднесување и не смее да биде причина за блокада.
Тој оцени дека барањето на синдикатите минималната плата да се зголеми на 600 евра (36.960 денари) е реално и финансиски остварливо, доколку постои политичка волја. Притоа потсети дека во периодот кога СДСМ била на власт, минималната плата се зголемила од 8.600 на 22.400 денари, што според него покажува дека системско покачување е возможно.
Од СДСМ остро реагираа и на, како што нагласуваат, селективниот пристап на претседателот на Собранието, потсетувајќи дека во минатото на дневен ред биле ставале законски предлози доставени дури и на самиот почеток на седниците, но само кога тие биле од власта. По едночасовната пауза, пратеничката група на СДСМ одлучи да не учествува во продолжението на седницата, оценувајќи дека ваквата практика дополнително го нарушува дигнитетот на Собранието и создава нерамноправна позиција меѓу пратениците.
