Преговорите со Бугарија на пауза до идната година, „погрешното толкување на историјата“ опасност за сите земји

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Покрај разочарувањето на граѓаните во Македонија што не се започнаа преговорите со Европската унија, на извесен начин и германското претседателство која до последен период вложуваше големи напори да се надминат отворените прашања од Бугарија, ова го доживува и како свој неуспех. Како натаму ќе се продолжат евроинтеграциите. Поранешниот амбасадор во Соединетите Американски Држави Васко Наумовски во вчерашниот магазин Клик плус на ТВ21 вели дека евроинтеграциите ќе се вратат во втората половина на идната година кога со Унијата ќе претседава Словенија. Претстојните избори во Бугарија кои треба да се одржат во март идната година и потоа и формирањето Влада целосно ќе го забават процесот оценува Наумовски.

„Пред изборите јас не би очекувал, секогаш кога ќе се формира нова влада без разлика дали ќе остане владата на актуелниот премиер Борисов или пак ќе дојде социјалистичката партија во Бугарија на власт ќе може да се постават основите на разговорите кои што би можеле да донесат некаков напредок по однос на ова прашање. Не велам дека штом ќе завршат изборите веднаш ќе се реши овој спор.“, вели Наумовски.

Формулацијата „погрешно толкување на историјата“ поради која Чешка Словачка и Австрија не ги усвои заклучоците на Советот на ЕУ, може да отвори и дополнителни проблеми и внатре во самата Европска унија, доколку тоа се најде во некаков официјален документ. Актуелниот советник за надворешна политика во Владата, Едмонд Адеми истакнува и дека со тоа се праќа и лоша порака до другите земји аспиранти за членство во Унијата.

„Пораката ја испраќате и до другите земји аспиранти во регионот на некој начин, што ако најдобриот во регионот во овој момент не може да се приклучи заради такви непринципиелни причини, што останува, да речеме како очекувате да го решите спорот, односно да дојдете до договор меѓу Косово и Србија.“, рече Адеми.

По одлуката на Чешка и на Словачка да не ги прифатат заклучоците во кои на инсистирање на Бугарија беше вметната формулацијата „погрешно толкување на историјата“, од официјална Софија сега велат дека жалат што овие заклучоци не биле усвоени на Советот на ЕУ и дека тоа може да ја поткопа довербата на Европската унија. Како една од земјите членки што го поддржуваат проширувањето, Бугарија би сакала да го охрабри Советот да преземе конструктивен пристап во сегашната ситуација со цел да се овозможи донесување заклучоци за време на сегашното претседателство со Советот на ЕУ, се вели во соопштението од официјална Бугарија.