Прекинати на пола музиката и орото кога полицијата влегла со инспекторатот за труд околу 20 часот и извршиле контрола во ресторанот Ројал во селото Глумово, општина Сарај. Според полицискиот извештај на свадбата имало 250 гости. Против сопственикот е поднесена кривична пријава за прекршување на протоколите во време на пандемија.
„Во објектот, сопственост на Б.Ј.(35) од с.Глумово, се одржувала семејна веселба (свадба), на која биле затекнати 250 лица. Од страна на Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи ќе бидат поднесени кривична пријава по чл.206, за непочитување на одлуките од Владата на Република Северна Македонија во врска со Ковид-19 и прекршочни платни налози по чл.6 од Уредбата на Владата на Република Северна Македонија за неносење на лична заштита на лицето“, велат од МВР.
Сега веќе пензионираниот пратеник и актуелен претседател на Унијата на Ромите, Амди Бајрам не се откажа од свадбата на неговата внука Пејран. Обидот за организирање забава во еден ресторан во Шуто Оризаре не успеал на 11 октомври поради забраната за организирање прослави. Тој успеал да организира забава со рекорден број гости, 600, во Истанбул, Турција и да и ја исполни желбата на внуката и нејзиниот сакан, изјавил Бајрам за весникот Фокус.
Но вчера на социјалните мрежи беше објавено видео на кое градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ се венча во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Грачаница, Косово. Неговата сопруга работи во основното училиште Киро Глигоров. На фотографиите се гледа многу народ. Богдановиќ не одговори на повиците на ТВ21 за да даде коментар за организираниот настан.
