Премиерот на Шпанија најави: Воведуваме 100% данок на имот за купувачите кои не се членки на ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шпанската влада најави дека планира да воведе данок до 100% на имотот купен од жители на земји кои не се членки на ЕУ, како што се Велика Британија и САД.

Мерката беше една од десетината што денеска ги претстави премиерот Педро Санчез додека владата се обидува да го смири растечкиот гнев поради високите трошоци за домување. Санчез се обиде да ја нагласи глобалната природа на предизвикот, наведувајќи ги цените на недвижностите кои се зголемија за 48% низ цела Европа во изминатата деценија, далеку ги надминуваат приходите на домаќинствата.

„Западот се соочува со одлучувачки предизвик: да не стане општество поделено на две класи, богати сопственици на недвижности и сиромашни станари“, рече тој на економскиот форум во Мадрид, пишува Гардијан .

Предложените мерки вклучуваат проширување на социјалните станови, стимулации за оние кои реновираат и изнајмуваат слободни имоти по пристапни цени и намалување на бројот на туристички апартмани. Во Шпанија, само 2,5 отсто од становите се издвојуваат за социјални станови, бројка што е многу помала од земјите како Франција и Холандија, рече Санчез.

Санчез го нарече данокот од 100% „без преседан“ во шпанската историја.

„Само во 2023 година жителите на земјите надвор од Европската унија купија околу 27.000 куќи и станови во Шпанија. И тоа не го направија за да живеат во нив, не го направија тоа за нивните семејства да имаат каде да живеат, тоа го направија за да заработат од нив, што очигледно не можеме да им дозволиме оваа ситуација“.