Преоптимистички и преамбициозен е буџетот за наредната година. Ова се реакциите на стручната јавност на Предлог-Буџетот за 2025 година кој вчера го усвои Владата. Владините проекции се дека наредната година ќе се потрошат рекордни 6,5 милијарди евра или над 600 милиони евра повеќе од годинава. Од граѓаните и компаниите планирано е да се соберат 5,8 милијарди евра или над 600 милиони евра повеќе, од даноци, придонеси и други давачки. Буџетскиот дефицит е проектиран на 4 проценти од БДП или над 670 милиони евра. Експертите децидни- велат очекувале штедење, но проектираните расходи се превисоки.
„Прво очекував дека ќе има намалување кај расходната страна,трошењата ни се големи во Буџетот и мислев дека тука ќе направат, ај да речеме еден вид реформа. Преоптимистички е поставен Буџетот, тоа секогаш го велам од расходната страна. Премногу се наклонуваме кон јавниот долг. А тоа е лошо затоа што во меѓувреме ние не знаеме како ќе биде економската ситуација на глобално ниво. Имајќи предвид дека Светска банка не ни даваше добри прогнози и наредните две години“, вели Абил Бауш.
Владата очекува економијата догодина да порасне 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на 2,2 проценти. За капитални проекти ќе се одвојат рекордни 823 милиони евра. За познавачите, токму капиталните проекти се ставката која прва се крати при ребаланс, бидејќи не се реализираат ни половината од парите за суштински проекти на граѓаните.
„Историски гледано, ние реализираме до 40 % капитални инвестиции и за очекување е дека ќе имаме пак ребаланс на Буџет , затоа што ќе ги кратиме овие капитални инвестиции, а од друга страна ќе ги покачиме тие социјални трансфери, односно неоперативните, ќе направиме оперативни трошења од типот на плати, покачувања на плати итн. Затоа викам преамбициозен и преоптимистички е буџетот за оваа година“, додава Абил Бауш.
Но, министерката тврди дека нема да се крати од капиталните проекти.
„Не може да се крати од оваа ставка затоа што пред се најмногу средства имаме од кредити. Доколку ги одглавиме проектите ќе имаме реализација. Притоа кога зборуваме за парите во капиталните инвестиции, овде може да зборуваме за реални инвестиции, а не за трансфери како што се правеа во изминатиот период, кои што завршуваа на крај за исплата на плати“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.
За плати на државниот апарат ќе се потрошат 780 милиони евра и дополнителни уште 32 милиони евра за договорениот раст на платите во образованието. Пари ќе има и за раст за пензиите за 2.500 денари во март. Фондот за пензиско за да ја покрие дупката, ќе добие 390 милиони евра од Буџетот. Дали и за колку ќе порасне минималната плата за работниците, допрва ќе се утврдува.
Предлог-буџет за 2025 година
- Расходи – 6,5 милијарди евра – над 600 милиони евра повеќе од годинава
- Приходи – 5,8 милијарди евра – над 600 милиони повеќе од лани
- Буџетски дефицит – 45% од БДП – над 670 милиони евра
- БДП – 3,7%
- Инфлација – 2,2%
- Капитални инвестиции – 823 милиони евра
- Плата и надоместоци – 780 милиони евра + 32 милиони евра за раст на платите во образование
