Продолжува да се намалува нивото на водата на Преспанското езеро.
Еко-активистите поставија табли на брегот на езерото, односно на местото каде е забележано повлекување на водата. На една од нив пишува: Се продава плац на атрактивна локација каде некогаш постоеше езеро. За повеќе информации обратете се до Министерството за животна средина. Од информациите на терен дознаваме дека преспанската полиција веднаш ги отстранила таблите.
Видното намалување на нивото на водата се забележува и преку „Гугл Мапс“.
Експертите велат дека главната причина за енормното опаѓање на нивото на водата е човечки фактор. Бараат посериозен пристап од институциите.
-Мислам дека 90% од овој проблем во Преспанското езеро е последица на човечката активност. Нема никаква контрола од надлежните структури за она што се случува со Преспанското езеро-вели Ариан Мероли, од прекуграничен биосферен резерват.
Во август за намалувањето на нивото на Охридското и Преспанското езеро пишуваше и НАСА.
Од овој центар велат дека Преспанското езеро доживеало значителен пад и во површината, и во обемот. Во една неодамнешна студија, научниците објавија дека Преспанското езеро изгубило 7% од својата површина и половина од својот волумен помеѓу 1984 и 2020 година, најверојатно поради зголеменото повлекување вода за земјоделството.
И нивото на водата на Охридското езеро се движи кон минимално дозволената граница. Според денешните мерења, водостојот е на седум сантиметри до критичната точка. Според научната фела, потребна е итна мобилизација на општинските и националните власти, како и конкретни мерки за стабилизирање на хидролошката состојба на двете природни езера.
