Да се однесуваме како Скандинавци – порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова, прашана за можноста за ново грчко вето на евроинтегративниот пат. Таа не сакаше да ги коментира пораките на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, но кажа дека Атина може да се обрати во Обединетите нации и во Меѓународниот суд на правдата при евентуално прекршување на Преспанскиот договор. Сиљановска-Давкова истакна дека евентуалното вето не би бил пријателски потег од страна на Грција.
„Тоа е механизам што постои, што е загарантиран денес во процесот на одлучување за секоја членка на Европската Унија. Јас не можам да го спречам во тоа. Преспанскиот договор е точно дека е дел од преговарачката рамка, но не мислам дека тоа е во духот на развивањето на пријателските односи.“, вели Гордана СИлјановска Давкова.
На трибината на фондацијата „Конрад Аденауер“ посветена на евроинтеграцијата, од публиката за збор се јави заменичката амбасадорка на Грција во земјава. Георгиа Андреади повика властите целосно да се придржуваат до Преспанскиот договор. Таа додаде дека институциите не смеат да се поистоветуваат со личностите кои ги раководат, бидејќи, како што вели, тоа не е одлика на демократско општество.
„Ние повикуваме сите функционери на Република Северна Македонија целосно да ги почитуваат, да се придржуваат и да ги спроведуваат со добра волја сите обврзувачки меѓународни договори, како што е Преспанскиот договор, за да може да покажат пред меѓународната и европската заедница дека се искрени и посветени кон својата евроатлантска иднина.“, вели Георгиа Андреади.
Заменичката амбасадор Андреади по својот говор веднаш го напушти настанот, а Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ изрази жалење што таа нема да го слушне неговиот одговор.
„Има недоразбирање, има можеби и различно толкување на правата и на обврските од Договорот од Преспа, затоа велам по формирањето на Владата, по завршувањето на изборите во Грција, ќе седнеме, ќе дискутираме и со позитивен дух и со добра верба ќе се надминат предизвиците.“, вели Тимчо Муцунски.
Договорот од Преспа стана актуелен во јавноста откако претседателката Сиљановска Давкова кажа дека во јавните настапи ќе го користи единствено терминот „Македонија“. Бурно реагираа грчките власти, според кои, Договорот не може еднострано да се поништи или пак измени, а при евентуално непочитување тие ќе се обратат и до Меѓународниот суд на правдата. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис неколкупати за време на изборната кампања во Грција кажа дека патот на Скопје кон Европската Унија поминува низ Атина и ја отвори можноста за вето.
