Со презентирање на документација поврзана со инспекциските контроли на општинските инспектори денеска продолжи судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Обвинителството пред судот ги презентираше материјалните докази што се однесуваат на инспекциските надзори спроведувани од Општина Кочани во делот на угостителската дејност. Меѓу доказите беа извештаи за работата на инспекторите, овластувања за градежни инспектори, како и документација од заеднички инспекциски и теренски контроли.
Во доказната постапка беа вклучени и решенија за вработување на овластени градежни инспектори, за кои обвинителството смета дека се значајни за утврдување на надлежностите и одговорностите на институциите во периодот пред избувнувањето на пожарот.
Одбраната, пак, изрази незадоволство од начинот на кој се доставени доказите. Адвокатот на обвинетиот Шабан Салиу, Димитар Дангов, посочи дека голем дел од материјалите биле предадени во електронска форма на USB-уред, што, според него, ја отежнува подготовката на одбраната.
„Не е фер и ја става одбраната во неповолна положба. Само за ДЗС има 216 докази и тешко е да се утврди каде точно се наоѓаат во електронската документација“, рече Дангов.
Во текот на рочиштето обвинителот Дарко Јакимовски наведе дека од извршените комунални инспекциски надзори кај правните субјекти опфатени со обвинението може да се забележи дека одредени забелешки, особено оние поврзани со урбаната опрема, не биле отстранувани и покрај претходните укажувања.
На ова реагираше одбраната, која побара обвинителството да се воздржи од толкување на доказите и посочување на нивната тежина, нагласувајќи дека оценката за доказната вредност е исклучива надлежност на судечкиот совет.
Дополнително, адвокатите на обвинетите се спротивставија на презентирањето докази поврзани со кафич, тврдејќи дека за тој објект не постои обвинение. Обвинителството возврати дека тие материјали се релевантни бидејќи кафичот е дел од истиот правен субјект опфатен со постапката.
На паузата од рочиштето, адвокатот Петре Шилегов изјави дека досегашната доказна постапка го потврдува ставот на одбраната дека обвинението е поставено премногу широко и дека таквиот пристап не придонесува за ефикасно утврдување на одговорноста.
Според него, во последните неколку рочишта се разгледуваат документи кои немаат директна врска со причините и последиците од пожарот, меѓу кои и записници за плаќање комунални такси на други локации. Шилегов повтори дека уште на почетокот од процесот предупредиле оти обемот на обвинението и бројот на докази значително ќе го продолжат судењето и ќе предизвикаат високи трошоци за државата.
Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 63 лица, додека повеќе од 200 беа повредени. Трагедијата предизвика силни реакции во јавноста и отвори прашања за функционирањето на инспекциските служби, почитувањето на безбедносните стандарди и институционалната одговорност.
