Приведен заканувачот на екс пратеничката, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е монтиран случај меѓу Заев и иницијаторите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Весна Дамчевска Илиевска е 23 години член на ВМРО-ДПМНЕ, била 6 години пратеник, а последниот период е мета на насилство, поради како што вели таа барањето на вонреден конгрес и смена на Христијан Мицкоски од претседател на партијата.

Таа во разговор за ТВ21 вели дека насилството од страна на ВМРО-ДПМНЕ мора да остане во минатото, но за опозициската партија ваквите барања се смешни.

„Монтажи и конструкција која што е дел од новопромовираната коалиција помеѓу иницијаторите и Зоран Заев и не би имал што да коментирам повеќе.“, рече Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Нема да одговорите на обвинувањата?

„Реков, монтажа и конструкција која што е дел и стои позади ова новопромовираната коалиција помеѓу Зоран Заев и иницијаторите за вонреден конгрес.“, вели Арсовски.

Го осудувате инцидентот?

„Видете, повторно потенцирам монтажа и конструкција додека пак институциите треба да истражат доколку би биле непартиски, доколку не би биле под капата на Зоран Заев.“, рече Арсовски.

Од Иницијативата велат дека праќањето поранешни затвореници, криминалци и насилници пред домот на една жена не е и не може да биде замена за демократска дебата. Исто така, Иницијативата, бара да бидат повлечени сите насоки за заплашување и вршење притисок врз членови на одборот.

„Јас не знам дали е монтирано од било кого, единствено знам дека ние, јас и моето семејство и цело соседство бевме вознемирени во текот на две ноќи изминати. Тука живеам повеќе од 35 години и никој никогаш не памети такво нешто да се случило.“, рече Дамчевска Илиевска.

Дамчевска Илиевска вели дека е работник кој ја промовира ненасилната комуникација, а се надева дека на вонреден конгрес сите работи би биле решени, иако како што вели таа на последниот при изборот на Мицкоски и таа гласала токму за негов избор.

„Многу има лоша кампања направено дека јас припаѓам на некоја групација која не знам што сака да прави и дека јас треба да бидам изложена на ѕидот на срамот на јавен линч, односно мојата партија. Побарав помош, се јавувам кај колеги, колеги мене ми се јавуваат, не се согласуваат со ова, но поради ова што го преживеав не знам кој ќе застане и кој ќе сака вака јавно нешто да каже и мислам дека ова е насилие кое долго време го трпам, но сега ескалираше заради моето искажување на ставот.“, изјави Дамчевска Илиевска.

Полицијата вчера попладне го привела С.Ч. (29), кого експратеничката го пријавила дека ѝ упатил вербални и пишани закани и навреди. Станува збор за лице кое отслужувало затворски казни и е сторител на повеќе кривични дела.

Иницијативата за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од актуелното партиско раководство поради поразот на парламентарните избори на 15 јули, повикувајќи се и на изјавата на Мицкоски дека ќе поднесе оставка од лидерската позиција ако не освои повеќе пратенички места од СДСМ и ако не успее да формира влада.

Во иницијативниот одбор има повеќе поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, односно поранешни градоначалници, пратеници и носители на функции во извршната власт.