Продолжи со работа работната група за реформи во изборното законодавство – се разгледуваа препораките за унапредување на Изборниот законик

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Четвртата седница на работната група за реформи во изборното законодавство се одржа денеска. На истата продолжи разгледувањето на препораките за унпаредување на Изборниот законок, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Во однос на учеството на СДСМ , беше истакнато дека до Министерството за правда сѐ уште не е доставено официјално писмено известување за нивно повлекување од процесот. Во таа насока, беше изразено очекување дека партијата ќе ја преиспита својата позиција и ќе продолжи да учествува во работата на групата, со цел реформите во изборното законодавство да се носат низ широк политички и институционален дијалог, во интерес на демократските процеси и довербата во изборниот систем.

На седницата беа разгледани  препораките што  беа усогласени и прифатени со консензус од присутните членови на Работната група. На членовите ќе им се достави и  конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори од 2025 година, кој содржи препораки за дополнително унапредување на изборната регулатива и практиките во спроведувањето на изборите. Значителен дел од препораките се повторуваат од претходните изборни циклуси, што ја потврдува потребата од нивно системско имплементирање.

Министерот за правда Игор Филков информираше и за остварените средби со ДИК, АВМУ , ДКСК, со претставници на граѓанскиот сектор,  Државниот завод за ревизија и ОБСЕ/ОДИХР, од каде беа доставени дополнителни мислења и препораки кои ќе бидат предмет на разгледување на следните седници.

Процесот ќе продолжи да се води  инклузивно и низ дијалог меѓу политичките партии, институциите и засегнатите страни, со цел обезбедување на законски решенија усогласени со меѓународните демократски стандарди.