Во рамки на партнерството со Националната опера и балет, Видеолотарија Касинос Австрија со особено задоволство ја најавува балетската претстава за деца „Доктор Офболи“, која на 26 септември ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет.
Со почеток во 19:00 часот, најмладата публика ќе има можност да ја проследи една од најпознатите и најгледаните балетски претстави наменети за деца приказна исполнета со музика, танц, авантури и бајковит сценски свет. Во светот на „Доктор Офболи“ животните зборуваат преку танцот, пријателите си помагаат, а добрината секогаш го наоѓа својот пат. Претстава преку игра, музика и фантазија им зборува на децата за пријателството, храброста и грижата за другите.
„Доктор Офболи“ е создадена според познатата сказна на рускиот писател К. Чуковски, со музика на Игор Морозов. Кореографијата е на познатиот руски балет-мајстор Михаил Крапивин, додека сценографијата и костимите се дело на Живојин Трајановиќ и Марија Пупучевска.
Во претставата настапуваат солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, кои преку танцот ја оживуваат приказната за добриот доктор Офболи и неговите необични авантури.
Динамичната кореографија, впечатливата сценографија, живописните костими и музиката создаваат волшебна атмосфера во која балетот им станува близок и разбирлив на најмладите.
Поддршката на културата и културните проекти е значаен дел од општествената одговорност на Видеолотарија Касинос Австрија. Горди сме што преку партнерствата со националните културни институции даваме свој придонес кон создавање содржини кои ги инспирираат најмладите и ја збогатуваат културната сцена во земјата.
