Законот за урбанистичко планирање кој е вториот од пакетот закони за изградбата на Коридорот 8 и 10Д е пред пратениците на расправа. Иако голем број пратеници се пријавија за збор, во салата се присутни само десетици. Опозицијата и за овој закон со низа забелешки, велат дека иако власта ставила европско знаменце нема ништо заедничко со усогласување со регулативата на Европската унија, а воедно со измените се спротивни на владеењето на правото и ќе го поттикнат хаосот во урбанизмот.
„Цела работа е свртена наопаку само заради брзањето со овие предлог измени да се покрие криминалот и високата корупција која што е склучена во договорот за коридорите на Артан и на Ковачевски. Со ваквите урбанистички измени каде што сите оние досегашни процедури се суспендираат и се оди на градење на мускули ќе има последици и за општините и за државата и за зголемувањето на нередот во оваа област“, вели Антонио Милошески.
Опозицијата води ниски политики кои не соодветствуваат со реалноста, законите за коридорите кои претходно беа доставени не беа ставани на дневен ред на комисиите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и затоа мораше да се премине на користење на европското знаменце, реплицираше Бајрам Кадрија од ДУИ.
Претресот на законот за урбанистичко планирање се одвива во големата сала, а истовремено во другата сала до неа се одржува вториот ден од претресот на законот за градба на Комисијата за европски прашања. Вчера на пленарна седница заврши дебатата за законот за работни односи, но гласањето за законите ќе биде дополнително закажано кога ќе заврши расправата за сите законски решенија.
