Продолжува протестот на „Кванташки“ – Трговци: Ова место се претвори во арена за рекет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И утрово трговците и производителите од „Кванташки“ протестираа пред влезот на овој пазар на големо. Се жалат на лошите услови, високата кирија и скапиот паркинг. Земјоделците и трговците велат дека во последните три месеци состојбата станала неиздржлива.

„Овој пазар на големо се претвори во арена на изнуда од страна на сопствениците. Сопствениците на ова место немаат никакви прописи или ценовници каде ќе се знае кој треба да плаќа за користење на просторот, туку напротив, сопствениците се однесуваат како каубои со воведување цени без критериуми и основа“, вели Таџедин Идризи.

„На овој господин му зема 8.000 денари за резервација од пет метри. Исто, за пет метри должина некому му зема 18 илјади денари, значи нема никакви ценовници“, посочи Насер Ајдини.

Прашавме согласно кои критериуми за иста услуга некому му се наплаќа, 8, а некому 18 илјади денари?

„Ова се случува затоа што тој дојде тука со единствена цел – да ги земе парите од нашите џебови, без 0 вложување“, додава Насер Ајдини.

Поради тоа што протестираат веќе три дена по ред, трговците велат дека добиле и закани од раководителот да ги прекинат протестите.

„Ни се заканува, ќе го претворам местото во тоалет, ќе направам ова, ќе направам тоа. Ќе те избркам од пазарот, нема да те пуштам да влезеш преку капија. Ти беше на протест, го имаше местото за 6.000 денари, сега ќе го направам 18.000. Да не сум те видел на протест, те гледам на камерата од канцеларија“, порача Таџедин Идризи.

Бараат да се вреднува трудот и потта на земјоделците.

„Пред сѐ јас сум земјоделец, произведувам, имам земја во Гевгелија, одам во Гевгелија работам и доаѓам тука да го продавам произведеното. Кога ќе дојдам тука да ги продавам според дневната цена, морам парите да му ги дадам на овој господин и да се вратам дома плачејќи“, вели Насер Ајдини.

Единственото барање на закупците на овој пазар е да се намали цената за паркинг и кирија. Велат дека раководителот Клодијан Ибрај само ги залажува, а зад грб повторно си тера по свое.

„Да ја спуштиме цената за да биде достапна за сите, не само за мене. Тој мене може да ми каже -за тебе ќе биде бесплатно, не, не, и јас ќе плаќам како и сите други, согласно држава и согласно површината од метри квадратни“, додаде Насер Ајдини.

Трговците ги повикуваат институциите за помош и решавање на проблемот, бидејќи во спротивно, како што велат, ќе ги радикализираат протестите. Инаку, пред четири години кога дојде новиот сопственик на „Кванташки пазар“, на трговците им беше ветено дека ќе добијат пазар со европски услови, вода, инфраструктура и паркинзи, но досега ништо од ова не е исполнето. Од однос на обвинувања што ги изнесоа демонстрантите, став побаравме и од раководителот Клодијан Ибрај, но тој не сакаше да говори пред камера.