Продолжуваат препукувањата за владиниот авион – Сиљановска: Колегите ми велат дека е авион на браќата Рајт!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Купувањето на нов авион отвори полемики за наводна злоупотреба на стариот.

„СДСМ, односно граѓаните, бараат одговор – кои беа патниците во владиниот авион заедно со премиерот Мицкоски?!“, рече Андреј Жерновски.

Од Владата реагираа, оценувајќи ги како лажни вести тврдењата на СДСМ дека семејството на премиерот патувало за Сплит, Хрватска.

„Службениот авион стар 20 години е користен исклучиво од премиерот Мицкоски, без семејна придружба, за негови службени потреби, и во период од две години само за четири патувања во соседните земји. Однесувањето на СДСМ и нивниот лидер Венко Филипче е лицемерно – во затворени дискусии ја прифаќаат набавката на нов владин авион, а во јавноста целосно ја критикуваат.“, велат од Влада.

За државниот авион говореше и претседателката Сиљановска, која изјави дека нејзините колеги ја исмеваат кога патува на официјални средби во странство. Како и Мицкоски, и таа изрази загриженост за безбедноста при патувањето.

„Владиниот авион, моите колеги претседатели од регионот го нарекуваат авион на браќата Рајт, бидејќи е најмалиот и најстариот. Можам да зборувам за себе! Користењето на владиниот авион понекогаш овозможува функционално извршување на државните обврски, но и поевтино отколку користење комерцијални летови. И не е баш пријатно да кажам дека секогаш имам дилема кога немам друга опција, бидејќи знам дека е стар 25 години, а и бил купен како половен.“, вели Гордана Силјановска Давкова.

Инаку, Мицкоски информираше дека четири пати го користел владиниот авион, појаснувајќи дека од Сплит до Скопје по годишниот одмор во август минатата година се вратил со владиниот авион, бидејќи го пропуштил летот со „Croatia Airlines“. Мицкоски изјави дека се откажува од набавка на нов авион, кој според македонската опозиција, би ги чинел даночните обврзници не помалку од 100 милиони евра.