По околу час и половина задоцнување седницата на Советот на јавни обвинители на која требаше да се избере шеф на Вишото јавно обвинителство се одложи за идниот понеделник, бидејќи како што образложија им требало повеќе време да ги разгледаат оценките и досиејата на кандидатите.
Всушност и доцнењето беше поради тоа што токму пред седницата членовите на Советот ги разгледуваа оценките не само за Вишото јавно обвинителство туку и за именувања во други обвинителства.
Во трката за избор на шеф на Вишото јавно обвинителство беа пријавени актуелниот обвинител од ова обвинителство Мустафа Хајрулахи, како и Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми кои беа дел од поранешното СЈО.
„Ги разменуваа досиејата, меѓутоа им требало повеќе време за секој да го проучи досието за јавните обвинители. Бидејќи сите имаа примерок кој им беше доставен во петокот на некои утринава, сметаа дека им треба дополнително време. Ги гледаа предметите со цел да не ги одлагаме, од моја страна беше инсистирано денес да ги завршиме, реков прочитајте што можете“, вели Антонио Јолески.
Инаку, формално денеска со поддршка на сите членови на Советот беше назначен и новоизбраниот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал Ислам Абази, кој ја презема функцијата на Вилма Рускоска чиј мандат истекува денеска.
„Во овие две години беше позитивно оценет извештајот годишен на гостиварското обвинителство и беше нагласувано таму дека е постигнат напредок во смисла да се решат тие предмети кои години наназад им беа во фиока, што би рекле нерешени. И дека откако дошол овој обвинител состојбата е подобра, јас не знам во периодот претходно каква била состојбата, јас знам дека се позитивно оценувани“, додаде Антонио Јолески.
Поранешната шефица на Обвинителството на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска треба да се врати во обвинителството, но откако за тоа ќе одлучи Советот дали решението за нејзината суспензија е за оддалечување од позицијата шефица на ова обвинителство или тоа се однесува воопшто за обвинителската функција.
