Се проширува листата на кандидати за претседателските избори кои ќе се одржат на 24 април и 8 мај. Официјално се соопштени имињата на уште 4 кандидати кои доаѓаат како предлог од политичките партии. ДУИ ќе настапи со актуелниот министер за надворешни работи, Бујар Османи. Кандидатурата на Османи ја соопшти лидерот на партијата, Али Ахмети.
„Со Бујар го започнуваме најважниот референдум и следната трка за да ја стекнеме вашата доверба за избор на претседателот во Собрание со 2/3 од гласовите и со Бадентер, за реализација на нашата визија за консензуален претседател“, вели Али Ахмети.
За кандидат за претседател се самопријавила и пратеничката Гордана Силјановска Давкова. Таа се пријавила на јавниот повик на ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за претседател, но таа, како што рече, без нејзино знаење собрани се и 30 потписи од пратениците на оваа партија.
Освен Силјановска, за прв пат во историјата на Македонија, за претседател е кандидат жена од босанската заедница. Станува збор за Мерсиха Смаиловиќ, како кандидатка на Демократскиот сојуз на Босанците. Смаиловиќ е правник и дел од граѓанските активности. Таа е најактивна во областа на застапеноста на човековите права.
Друг кандидат за претседател ќе биде и претседателот на Движењето Знам, Максим Димитриевски. Тој доаѓа како предлог на УО на партијата, бидејќи како што вели, Димитриевски го сметаат за заштитник на идентитетот и татко на народот.
Што се однесува со СДСМ, тие по сите изгледи повторно ќе настапат со актуелниот претседател Стево Пендаровски кој бил предложен од општинските ограноци на партијата. Така, претседателската кампања повторно ќе ги соочи кандидатите во втората рунда од минатите избори кога Пендаровски ја доби битката против Силјановска. Други кандидати се Арбен Таравари од ВРЕДИ, Вело Марковски како независен и Билјана Ванковска од Левица. Сите кандидати за претседател треба да соберат 10 илјади потписи од граѓаните, почнувајќи од утре па до 8 март. Рокот за доставување на кандидатурите е до 19 март.
