Шпанскиот амбасадор во земјава Хозе ЛуисГарсија претставувајќи ги приоритетите на шпанското претседателството со Советот на Европската унија во 6-те месеци од нејзиниот мандат само накусо спомена дека Шпанија ќе го поддржува пристапувањето на земјава во Европската унија . Шпанија дава големо значење на проширувањето и ќе продолжиме да работиме во овој поглед во текот на претседателството според процесите на заслуга, рече амбасадорот Гарсија.
„Интересот на Шпанија и поддршката е за процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската унија. Отворањето на пристапните преговори во јули минатата година беше најважен чекор. Во овој контекст ја потврдувам поддршката на Шпанија за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ“, порача Хозе Луис Лозано Гарсија.
Сепак конкретни предлози и пораки беа упатени од евроамбасадорот Дејвид Гир. Тој потсети на состојбата во судството за што потсети дека Европската комисија ќе испрати оценка комисија, но упати порака до пратениците да имаат политичка одговорност за усвојување на уставните измени.
„Навраќајќи се на важното прашање на нацрт уставните измени кои што би требало наскоро да дојдат во парламентот е суверена одлука за оваа земја, но усвојувањето на овие измени и дополнувања ќе биде важен чекор кој автоматски и без натамошно одложување и вето ќе води до одржување на втората Меѓувладина конференција кој што е клучен момент на патот на оваа земја кон членство во ЕУ“, вели Дејвид Гир.
Претседателот на Комисијата за европски прашања Арбр Адеми очекува одржување на втората Меѓувладина конференција и порача дека со неподдржувањето на уставните измени не смее да се доведе европската перспектива во прашање.
„Ние сме сега пред ова прашање дали треба да се става во опасност европската перспектива? Мислам дека ова не треба да се направи. Сме направиле големи компромиси за да дојдеме до оваа точка. Сега, каде што сме денеска се соочуваме со едно друго прашање кое што ќе повторам, не е од тие најтешките прашања со кои се соочува нашата заедничка држава“, вели Арбр Адеми.
Гордана Силјановска Давкова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, забележа дека иако се зборува толку време за уставните промени, тие се уште не се во Собранието.
„Се спомена овде од претседателот на Комисијата за уставните измени, нив ги нема. Помина колку време, предложете го, предлогот го нема, не знам каде е заглавен, предложете го да почне да се дискутира процедурално, меѓутоа не можеме однапред ние да гарантираме дека ќе гласаме вака или поинаку, бидејќи потребна е дебата со аргументи“, вели Гордана Силјановска Давкова.
Шпанија ја презеде палката со претседателството на Советот на ЕУ од Шведска на први јули и ќе трае се до крајот на годинава што е клучен период за земјава која треба дотогаш да го заврши скринингот, но и да ги донесе уставните измени кои се услов за продолжување на преговорите со Европската унија.