Протестите и блокадата на Собранието од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија за раст на минималната плата ги разбрануваа и политичарите. Премиерот Христијан Мицкоски гледа политичка заднина зад протестите и вели не поддржуваат политички инструирани самонаречени водачи.
„Тоа ќе продолжи, затоа што ова има политичка позадина. Еден од денешните протестанти со мене држеше прес – конференција, во видно егзалтирана состојба, задоволен од тоа што го постигнавме. Денеска го гледате, блокира со тој другиот кој што се повикува на работнички права, а злоупотребува службени возила за приватни цели и уште многу работи. Допрва, како што имам чувство, ќе бидат сведоци и работниците кој ги води и кој ги манипулира во овие политички инструирани процеси и тоа во периодот што следи ќе го има“, порача Христијан Мицкоски.
Мицкоски кажа дека Владата како работодавач ги исполнила своите обврски за платите на администрацијата и повтори дека ќе го поддржат секое решение што ќе биде усогласено меѓу работниците и работодавачите.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче пак излезе со поддршка за синдикалните барања за раст на минималната плата на 600 евра. Партијата денеска повторно го поднесе предлог-законот за измена на Законот за минимална плата, откако претходно бил вратен од претседателот на Собранието Африм Гаши поради, како што посочил, технички недостатоци.
„Даваме максимална поддршка на барањата на Сојузот на синдикати. Сметаме дека минимална плата од 600 евра е нешто што работниците заслужуваат и им е неопходно потребно за достоинствен живот. Во временски период кога синдикалната кошничка надминува 65 – 66.000денари, кога една третина од трошоците одат за храна и пијалаци, дополнително тука се и други трошоци, школски прибор за децата и така натаму, работниците заслужуваат достоинствен живот“, вели Венко Филипче.
Според Филипче пари може да се обезбедат со кратење на буџетските расходи за патни трошоци и репрезентација. Со нив може да се субвенционираат придонесите за да не се наруши ликвидноста на бизнисот.
