Со пароли „Тргнете ги рацете од Митровица“ и „Сите сме едно“ десетици граѓани протестираа пред српската амбасада во Скопје, против, како што рекоа, најновите случувања на север на Косово.
„Диктаторите се во состојба дури и да започнат војни само за да останат на власт. Има илјадници такви примери низ историјата. Зарем не сме сведоци на крвава војна на неоколонијализмот во Украина, каде Русија сака да им ја украде татковината на Украинците? Зарем менторот на Вучиќ, Путин, не ги искористи верските лидери кои ги „благослови“ со воени средства заедно со украинските Руси како топовско месо во војната која се одвива таму?“, вели Шпетим Положани.
Демонстрантите рекоа дека иако Србите во Косово се малцинство, уживаат повеќе права отколку Албанците во Македонија.
„Србите ја бранат политиката на Милошевиќ за што сведочат последните дејствија, влошувајќи ја состојбата во Косово. Според последните настани на чело со Вучиќ, тие имаат апетити да го распарчат Косово за анексија на имот, а не за тоа што се пропагира – за правата на српските малцинства на Косово, затоа што 2% малцинство Срби на Косово, во споредба со нас Албанците во Македонија, кои не сме малцинство, имаат многу права, како никој друг во светот“, вели Неџмедин Хоџа.
Незадоволните граѓани побараа поддршка од албанските политички партии и ги повикаа да се произнесат за севкупната ситуација во северно Косово. Протестот го затворија со песната – зборот е збор. Денешниот собир беше организиран од Здружението на поранешни политички затвореници, а наиде на поддршка и од неколку албански политички субјекти.
