Протест за „улицата на смртта“ во Тетово – жителите бараат да се преземат мерки против „лудите“ возачи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во знак на револт за сообраќајната несреќа каде животот го загуби 6 годишното девојче протестираа неколку граѓани блокирајќи ја индустриската улица во Тетово, или како што тие ја нарекуваат „Улицата на смртта“. Тие бараат преземање на мерки за поставување на подвозник или препреки за намалување на брзината на возилата.

„Години по ред ова улица зема човекови животи. Пред една недела 6 годишно девојче го загуби животот на оваа улица. Ова улица и ги изгасна соништата. Затоа жителите на ова место и сите демонстранти бараме итно преземање на мерки за спречување на сообраќајни несреќи во иднина и тоа со: Поставување на лежечки полицајци, физичка делба на целата индустриска улица и да се остави простор за поминување од едната во другата страна само во постоечките премини“, истакна Енис Ајрули.

Таткото на 6 годишното девојче кое го загуби животот на оваа улица, изјави дека излегол на протест со цел тоа што тој го преживеал да не му се случи никому.

„Мене ми се случи, да не им се случи и на други, зошто да им се случи и на други кога може брзо да се направи, треба да се направи надвозник или подвозник. Овде имаше метална ограда но ја тргнаа“, посочи Башким Мемети.

И другите граѓани кои беа излезени на протест апелираат да се преземат мерки бидејќи оваа улица до сега донела само зло.

„Апелирав тие што се вработени, партиски или не, да си ја завршат својата работа, архитектите кои ја граделе оваа улица, треба да има пешачки и доколку самите не знаат нека видат во другите градови како е уредено тоа, и нека средат“, истакна граѓанин.

„Мислам дека полицијата треба да преземе мерки, општината да преземе мерки, треба да се постават лежечки полицајци, овде брзината е голема, на секои 10-15 дена некој е згазен“, посочи граѓанин.

„Таму семафори се поставуваа два пати, на црвено ме удрија, пишува 40, крева на 100 и повеќе, зошто да нема лежечки полицајци, што е ова автопат ли е што е! Нека биде 40, овде треба лежечки полицаец и овде два и таму два и завршена работа“, вели граѓанин.

„Мене таму ме имаат удрено пред една и пол година и последици имам и ден денес, 14 дена бев во Скопје не знаев дали ќе се излекувам“, додава граѓанин.

Демонстрантите најавија дека за две недели доколку не се реши ова прашање тие повторно ќе излезат на протест.

Од општина Тетово излегоа со одговор:

„Што се однесува до безбедноста на пешаците во сообраќајот конкретно на индустрискиот булевар во Тетово, секторот за општински дејности при општина Тетово неколку пати до сега испрати допис до СВР Тетово, за почести контроли на брзината на автомобилите на оваа градска улица. Исто така е сервисирана и се одржува вертикалната улична сигнализација како и семафорите во близина на училиштето Кирил и Методиј кои и денес се во функција“, велат од Општина Тетово.

Што се однесува до барањето за поставување препреки на патот од Општината и велат дека ќе бараат одобрение од СВР Тетово за нивното поставување како и изградба на надвозник, секако као што велат тие, во рамки на законот.