Прво Македонија, па сега и Босна – историски момент за Босанците, ја елиминираа Италија и ќе играат на СП

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Драма, неизвесност и исчекување 120 минути. Потоа пенали, од кои застанува здивот. Потоа еуфорија и прослава.

Прво Македонија во 2022-ра, а сега БИХ ја елиминираше Италија на патот кон Светското првенство. Историски успех за Босанците, кои по 2014-та во Бразил, втор пат во историјата од нивната независност ќе играат на фудбалски Мундијал.

-Не можам да опишам колку многу ми значи ова. Јас сум потполно во делириум, вели граѓанин на Босна.

-Ова е историски момент за Босна и Херцеговина, момент што ќе го паметиме додека сме живи, вели друг граѓанин на Босна.

И додека низ улиците на Сараево, па и другите градови во БиХ се славеше, во Италија неверување. Италијанците не можат да сфатат како е можно нивната селекција, која неколку пати беше Светски првак, повторно нема да биде дел од едно вакво натпреварување.

-Го освоивме Европското првенство 2021, така што не сме толку лоши, но изгледа дека не сме подготвени за големите натпревари. Не сме подготвени кога е најважно. Не сме подготвени кога треба да дадеш повеќе. Не си подготвен кога има притисок, вели граѓанин на Италија.

Да не одиме на Светско првенство, три пати по ред, Шведска, Македонија, сега Босна и Херцеговина … Што друго можам да кажам, вели друг граѓанин на Италија.

Последен пат Италија играше на Светско првенство во 2014-та година во Бразил. 2018-та во Русија не се пласираше по елиминацијата од Шведска. Во 2022-та во Катар исто така не беше бидејќи беше елиминирана од Македонија во полуфиналето од плејофот, а сега нема да биде дел ниту од Мундијалот кој оваа година ќе се одигра во САД и Мексико.