Психијатрија доби нов „колега“ – лабрадорот Роџер ќе учествува во активности за поддршка на пациентите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ЈЗУ Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје доби нов необичен член на тимот – 2,5 годишниот лабрадор Роџер, кој пред кратко време бил вдомен од персоналот и веќе станал миленик на пациентите и вработените.

Директорката на Клиниката, проф. д-р Славица Арсова информира дека воведувањето на Роџер е дел од концептот „Animal Assisted Activities“ – активности поддржани од животни, чија цел е обезбедување емоционална поддршка, чувство на смиреност, олеснета социјална интеракција и подобрување на психосоцијалната благосостојба на пациентите.

„Присуството на куче во терапискиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт и поголема мотивација за вклучување во терапијата“, вели Арсова. Активностите со Роџер се реализираат индивидуално или во групи, секогаш под надзор на стручен тим и со согласност на пациентите.

Од клиниката истакнуваат и дека со вдомувањето на лабрадорот сакаат да го поттикнат хуманиот пристап кон напуштените животни и да влијаат врз намалување на бројот на бездомни кучиња.

За Роџер се грижи персоналот на клиниката, а под надзор постепено се вклучуваат и пациенти кои доброволно учествуваат во прошетките и активностите. Кучето има обезбедено бокс и куќичка пред влезот, е под редовна ветеринарна контрола и има уреден здравствен и вакцинален статус.

Активностите започнуваат секое утро во 8 часот во дневната болница. Лабрадорот нема пристап до простории каде што има храна или лекови, а неколку пати дневно се организираат прошетки со персоналот или пациентите.

Од клиниката додаваат дека лабрадорите се една од најчесто користените раси во терапевтски активности поради нивната смиреност, трпеливост, емпатија и социјална интелигенција.

„Оваа раса природно реагира на човечките емоции, препознава тага, страв или анксиозност и нуди утеха без наметнување“, посочува Арсова.

Како што велат од психијатријата, Роџер за кратко време внел позитивна енергија во установата и станал омилен „колега“ на сите.