Едно лице е убиено, а десет други се ранети во пукотница рано наутро во понеделник во Атланта, соопшти полицијата. Пукањето се случило во популарна населба со ноќен живот, по викенд исполнет со насилство со оружје во градот.
Полицијата била повикана на местото на настанот околу 1:30 часот наутро на улицата Еџвуд во населбата Свит Обрн. Тие пронашле 11 застрелани лица, а едно, 27-годишен маж, починало на местото на настанот. Неговиот идентитет не е објавен. Другите жртви, на возраст од 18 до 29 години, биле однесени во болница.
Началникот на полицијата, Дарин Ширбаум, изјави дека еден 18-годишен маж е во критична состојба, а друг бил опериран. Се верува дека пукотницата е резултат на бизарна расправија за паркинг место. Полицијата интензивно бара тројца мажи и една жена за кои се сомнева дека го започнале конфликтот и ги повика граѓаните да им дадат какви било корисни информации.
На местото на настанот се пронајдени огнено оружје и 34 чаури. Иако точниот мотив сè уште се утврдува, полицијата засега не се сомнева во врска со банди и верува дека повеќето од жртвите биле минувачи.
Шиербаум истакна дека овој инцидент е дел од црната низа што го зафати градот за време на викендот, за време на која вкупно 29 лица беа повредени во 12 насилни инциденти, а две беа убиени. Други инциденти вклучуваа семејно насилство и судири околу блокирање возила.
Градоначалникот Андре Дикенс и началникот на полицијата, Шиербаум, истакнаа дека градот бележи пад на стапката на криминал и покрај овој настан. Оваа година се регистрирани 57 убиства, што е намалување во споредба со 76 во истиот период минатата година.
„Долго време немавме ваков викенд“, призна Дикенс. „Знаеме дека летните месеци честопати носат поголеми предизвици во однос на криминалот и вооруженото насилство. Правиме сè што можеме за да спречиме вакви трагедии пред да се случат“, заклучи тој.
