„Путин погреши што испрати делегација од ниско ниво во Истанбул“, рече генералниот секретар на НАТО, Руте

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска во Тирана изјави дека рускиот претседател Владимир Путин направил грешка со тоа што испратил делегација од ниско ниво во Истанбул.

Руте го коментираше дијалогот меѓу Русија и Украина пред Самитот на Европската политичка заедница кој денеска се одржува во албанскиот главен град.

„Путин погреши што испрати делегација од ниско ниво во Истанбул. Топката е во неговите нозе, тоа е многу јасно, и мора да биде сериозен за да се постигне мир. Целиот притисок е врз него“, рече Руте.

Делегацијата на Русија во Истанбул ја предводи Владимир Медински, помошник на Путин. Во делегацијата исто така е заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Михаил Галузин, началникот на Главната разузнавачка управа на Генералштабот на руските вооружени сили Игор Костјуков, и заменик министерот за одбрана Александар Фомин.