Работите на Скопје–Блаце почнуваат овој месец – Мицкоски: Автопатот Кичево–Охрид готов до 8 септември

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски очекува градежните работи на терен за автопатот Скопје–Блаце да започнат најдоцна до крајот на овој месец. Според него, постапката за избор на изведувач веќе е завршена, откако биле разгледани и затворени сите жалби и приговори во двете инстанци.

„За автопатот Блаце–Скопје, вчера добив информација дека постапката за избор конечно е завршена. Сите одговори на жалбите и приговорите се завршени, и во прв и во втор степен. Постапката е целосно комплетирана и очекувам активностите на терен да започнат најдоцна до крајот на овој месец.“, вели Христијан Мицкоски.

Во врска со автопатот Кичево–Охрид, Мицкоски изјави дека дел од трасата до Врбјани, заедно со сите тунели, треба да биде завршена и пуштена во употреба до 8 септември, на Денот на независноста.

„Оставам уште еден месец резерва, нека биде и октомври, но приближно станува збор за периодот септември–октомври. Целата коловозна лента, односно целата траса од влезот во Кичево, таму каде што завршува градот, односно патот што води кон Охрид, очекувам да биде пуштена во употреба во јануари, односно во првиот квартал од 2027 година.“, вели Христијан Мицкоски.

Инаку, вкупната должина на автопатот Скопје–Блаце изнесува 12,5 километри. Првата делница од два километри е завршена, но не води никаде, иако чинела 57 милиони евра.

Автопатот Кичево–Охрид, долг 57 километри, со сите анекс-договори досега чини повеќе од 600 милиони евра. Изградбата започна на 22 февруари 2014 година.