Измената на моделот од 6 на 1 ИЕ не беше тема на првата конститутивна седница на работната група за реформи на Изборниот законик. Првото нешто што го направија беше изборот на претседател а тоа е екс претседателот на ДИК, Александар Новаковски. Тој рече дека првата работа што ќе ја направи оваа работна група ќе биде вклучување на препораките и забелешките на ОБСЕ-ОДИХР за Изборниот законик.
На исто мислење е и министерот за правда, Кренар Лога. Тој рече дека приоритет на оваа група не е изборниот модел туку успешно завршување на измените кои се последица на препораките на ОБСЕ и ОДИХР а потоа да се изготви нов изборен законик.
„Сите забелешки наведени во извештајот на ОБСЕ-ОДИХР ќе се инкорпорираат. Денеска разговаравме за моделот а давање решенија, ќе се дискутира од страна на експертите и институциите и мислам дека ќе има конкретни законски решенија за оваа работа“, вели Кренар Лога.
По состанокот, за медиумите даде изјава и Арбр Адеми од ДУИ. Во врска со измената на изборниот модел, рече дека се подготвени да разговараат но и да не им се наштети на Албанците и ругите етнички заедници.
„Ќе го повторам ставот дека треба да имаме модел кој ќе влијае најдобро што може на хетерогената структура на општеството. Имало и во минатото изборни модели каде ни одблизу не била отсликана општествената реалност. Затоа максимално сме заинтересирани да дискутираме и врз основа на аргументите да одлучиме. Доколку зборуваме за една избо0рна единица тогаш зборуваме и за праг, на пример за 5%, за отворени листи“, порача Арбр Адеми.
На првата конститутивна седница присутни беа е претставници на сите политички партии освен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која инсистира на една избора единица. Што се однесува до препораките на ОБСЕ-ОДИХР, Новаковски рече дека сите партии се подготвени да ги прифатат. Забелешките се однесуваат на финансирањето на политичките партии, изборот на членови на Изборната комисија од политичките партии.
