Радев ја поддржува интеграцијата на Македонија, без конкретен став дали ќе ја тргне блокадата за старт на преговорите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Бугарија ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија, ова го изјави шефот на бугарската држава Румен Радев во разговорот со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли. Сепак во неговата изјава за поддршка нема конкретно дали Бугарија на претстојниот Совет што треба да се одржи на 22 јуни ќе ја деблокира Македонија, за да ги почне преговорите со Европската унија.

„Бугарија принципиелно и доследно ја поддржува европската интеграција на Република Северна Македонија. Но, очекуваме одржливи резултати во процесот на градење добрососедски односи и во тој поглед е најважен директен и отворен дијалог меѓу двете најблиски земји на Балканот за да се постигне вистински напредок.“, вели Радев.

А, во насока на можноста за пробив на европскиот пат и старт на преговори со Европската унија во време на португалското претседателството вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров имаше телефонски разговори со советникот на Стејт департментот Дерек Шоле. Димитров ја нагласил важноста на почнувањето на преговорите на Македонија поради иднината на процесот на проширување на Европската унија со земјите од регионот што има силни геополитички импликации во однос на стабилноста на регионот.

„Пристапувањето на Западниот Балкан кон Европската унија претставува инвестиција во стабилноста бидејќи европската визија за регионот подразбира демократија, владеење на правото, како и заемна соработка врз основа на почитување на заедничките вредности и интереси. Северна Македонија ја потврди таквата визија и покажа лидерство за обезбедување регионална безбедност, мир и соработка и покрај членството во НАТО треба да биде заокружена и со полноправно членство во ЕУ.“, вели Димитров.

Од Кабинетот на Димитров велат дека од американска страна била потврдена поддршката за неодложно отпочнување на пристапните преговори на Македонија со Европската унија бидејќи неисполнувањето на ветувањето засновано на постигнатите резултати кпридонесува кон дестабилизација на регионот.