Радев со честитка до Сиљановска – и Илинден бил дел од заедничката историја

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Имаме должност достојно да ги чуваме заветите од нашето минато заради нашата заедничка европска иднина. Ова бугарскиот претседател Румен Радев и го порачал во честитката упатена до  претседателката Гордана Силјановска Давкова за големиот македонски празник Илинден. Во честитката тој наведува дека 2 август бил дел од заедничката историја и дека, како што наведе, Илинденско-Преображенското востание засекогаш ги поврзувало Бугарија и Македонија.

„Високите идеали на востанието денес се основата на вредностите на обединета Европа. Заедничката европска иднина бара неопходна волја и искрен пристап во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 и преземените обврски. Република Бугарија останува решена да работи на воспоставување добрососедски односи со Република Северна Македонија и да ја обезбеди потребната поддршка за исполнување на договорените критериуми за членство во Европската унија“, вели Румен Радев.

Но токму околу членството на Македонија во Европската унија говореше и претседателката Силјановска во своето обраќање на Пелинце, во кое посочи дека нашата земја постојано се соочува со непринципиелни услови. Македонските институции се подготвени за европски реформи, но од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите, порача Силјановска.

„Нашиот пат кон полноправно членство во Европската унија се уште се соочуваме со непринципиелни услови што постојано се менуваат. Но, знаеме дека се меѓу земјите членки имаме многу пријатели кои што се застапуваат за нас и ја будат европската совест кон случајот со нашето маратонско интегрирање. Ние мора да им помогнеме со тоа што нема да отстапиме од зацртаниот европски пат. Тоа е и нашиот пат“, вели Гордана Сиљановска Давкова.

А токму за барањата на Бугарија и закочените евроинтегративни процеси зборуваше и премиерот Христијан Мицкоски на обраќањето од Мечкин Камен, за што рече дека ќе инсистира на достоинствени решенија. Неодминлива е забелешката дека овој процес трае предолго со многу барања кои не секогаш се разумни, а многу повеќе политички, истакна Мицкоски.

„Колку пати и да ме прашаат и во колку и форми да се постави прашањето за Бугарија одговорот секогаш ќе биде единствен – ние сме за достоинствено решение и сакаме решение, но не по цена на нашиот идентитет и по цена на погазено достоинство. Воедно, неспорна е нашата заложба за членство во Европската унија исто како што е неспорен и нашиот ангажман за исполнување на критериумите“, вели Христијан Мицкоски.

Инаку, околу изгласувањето на уставните измени на кои инсистира Бугарија, од коалицијата ВРЕДИ уште пред формирањето на Владата поставија барање тие да се донесат 6 месеци од новата Влада.