По провокацијата во Битола од Бугарија пристигаат нови навредливи тонови. Бугарскиот претседател Румен Радев повторно ги обвини македонските политичари за, како што рече градење идентитет заснован на фалсификат, а според него, Ванчо Михајлов бил човек кој имал клучна улога за Македонија во Втората светска војна.
„Ако зборуваме за фашизам треба да биде јасно дека Иван Михајлов е човекот кој го одбил Хитлер да ја внесе Македонија во братоубиствена војна со Бугарија. Не Иван Михајлов, туку други луѓе по воспоставувањето на југословенската диктатура во Македонија, убиле и испитувале десетици илјади во концентрационите логори затоа што решиле да продолжат да се нарекуваат Бугари, а не Македонци“, вели Радев.
Македонскиот претседател му одговори на Радев дека постојат историски факти кои не ги спори бугарската историографија дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер. За изјавата на Радев за убиства на лица затоа што се нарекувале Бугари Пендаровски вели дека е чиста лага.
„Не постои ниту еден, ниту еден, релевантен историски извор кој ќе потврди дека 10 илјади луѓе биле убиени во конц логори во Македонија во тоа време. Ниеден. Ни во бугарската ни во македонската ни во светската историографија. Нешто што може да влезе во дефиницијата на конц логори во времето на поранешна Југославија постои само на Голи Оток, денешна Хрватска. На територијата на Македонија никогаш немало конц логори ниту тогаш ниту денес. Бројката од 10 илјади наводно убиени е лага, практично гола конструкција за политички цели“, вели Пендаровски.
Премиерот Ковачевски вели дека не треба да се навраќаме на минатото и личности за кои двете држави имаат различни ставови и дека ваквите провокации со личности како Ванчо Михајлов кој бил соработник на хитлерова Германија не се во насока на подобрување на односите. За името на клубот рече дека ќе се разговара идната недела.
„Овој настан претставува единствено провокација која што не оди во насока на подобрување на односите и во финализирање на еден успешен дијалог. Нормално дека како Влада ќе ги собереме сите информации кои што се потребни во однос на регистрација на здружение на граѓани, а во однос на користењето на имињата веќе имаше и од правни експерти одредени изјави и кога ќе бидат соберени сите информации идната недела ќе ве информирам за понатамошните чекори“, рече Ковачевски.
Од Министерството за правда се најавува дека ќе се подготвува закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, за што е формирана и работна група кои треба да ги разгледаат сите отворени прашања меѓу кои и прашањето за историски личности. Воедно објавен е и јавен повик на веб страницата на Министерството за правда за сугестии и забелешки на граѓански организации и здруженија во изготвувањето на новото законско решение.
