Бугарскиот претседател Румен Радев денеска оцени дека најголема закана за Владата е токму премиерот Бојко Борисов. – Никој не може подобро да ја дискредитира Владата од што може таа самата тоа да го стори, рече Радев од Перник, коментирајќи ги тврдењата на Борисов дека бугарскиот претседател го шпионирал со дрон.
На вчерашниот брифинг, откако анонимно беа објавени фотографии од Борисов како разголен спие во својата спална соба, бугарскиот премиер го обвини шефот на државата дека стои зад тој скандал и оти лично Радев го управувал дронот.
– Сум управувал авион, сум управувал и дрон. Не можам да толкувам сè што кажа Борисов, бидејќи за разлика од него, мојата фантазија сепак има некаква граница.
Во моментов, најважната работа, според бугарскиот претседател, е да се врати довербата на јавноста во општеството. Тоа е можно само преку вистината, пренесува БГНЕС. Радев додаде дека од тоа зависи иднина како правна држава, но главната улога тука ја има обвинителството, кое треба да ги испита објавените во медиумите аудио снимки и фотографии.
Тој уште категорично изјави дека борбата за власт се води меѓу политичките партии, а тој, како што рече, не влегува во кујната на политичките партии. Борисов е лидер на конзервативната „Граѓани за европски развој на Бугарија“ (ГЕРБ), а Радев дојде на претседателската функција со поддршка на Бугарска социјалистичка партија (БСП).
– Претседателот Радев ја премина границата и си дозволува да крене беспилотно летало и да ме фотографира, рече Борисов на вчерашниот брифинг со новинарите.
