Рама: Албанија никoгаш не била поблиску до ЕУ – „прозорецот за проширување нема да биде секогаш отворен“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Имплементацијата на новиот План за раст се одвива според очекувањата и секој ден нè доближува до Европската унија, изјави премиерот на Албанија, Еди Рама, на состанокот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан. Според него, Албанија никогаш не била поблиску до ЕУ!

„Никогаш не сме биле поблиску до остварување на една вековна аспирација. Од друга страна, ми е драго што има позитивна атмосфера во овој правец. Многу сме блиску. Никогаш не сме биле поблиску, и навистина верувам дека ќе ги исполниме сите наши обврски, како што сме ги договориле роковите со Европската комисија, и заедничкиот план целосно ќе се реализира.“, порача Еди Рама.

Премиерот на Косово, Албин Курти, зборувајќи пред медиумите, ја истакна важноста на соработката што Косово и Северна Македонија ја реализираа досега за граничните премини со системот „One Stop Shop“.

„За мене секогаш е задоволство да дојдам во Скопје, особено сега кога ги имаме заедничките гранични контролни точки – и Хан Елезит-Блаце, која беше функционализирана на 12 април, и Глобочица-Јажинце, која беше ставена во функција на 28 мај оваа година. Сето ова е резултат на заедничките договори кои ги направивме со владата на Мицкоски на 18 ноември минатата година во Приштина, на заедничката седница на двете влади.“, вели Албин Курти.

Во своето воведно обраќање на овој состанок, еврокомесарката за проширување, Марта Кос, рече дека сега постои јасен консензус за проширување, но и дека прозорецот на можности можеби нема да биде отворен засекогаш.

Таа посебно го истакна патот што секоја држава од Западен Балкан го има изодено кон евроинтеграциите.

За Албанија ја потенцираше отворањето на три кластери во последните шест месеци, а додаде дека ако се продолжи со ова темпо, постои можност до крајот на годината да се отворат сите кластери, а на есен да се отвори и последниот.

За Косово истакна дека се очекува новата Влада да даде нова енергија во процесот на пристапување.

За Србија рече дека се надеваат на напредок во најскоро време.

За Црна Гора ја спомена затворањето на уште едно поглавје минатиот месец, а за Босна и Херцеговина го посочи усвојувањето на агендата за реформи.