Ниту денеска директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски не беше подготвен да зборува и да ги појасни спротивните ставови со заменик директорот Иљми Селами во врска со тоа дали роднините ќе можат да ја декларираат етничката и верска припадност на нивните блиски на денот на пописот доколку тие не се дома или се над 1 година во странство.
По одбивањето во неделата, директорот Симовски за ТВ21 рече дека не може да зборува поради пренатрупана агенда.
Ваквите спротивставени изјави на двете најважни фигури кои се очекува да го водат процесот на попис, и одат во полза на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која бара одложување на процесот. Лидерот на оваа партија, Христијан Мицкоски денеска рече дека ниту директорот ниту заменик директорот не се способни да го испорачаат пописот.
Дента кога ја презентираше методологијата на пописот, директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски рече дека етничката и верската припадност се лични, затоа доколку самиот не си присутен при пописот, овие податоци не може да ги декларира некој твој роднина.
Но со ваквиот став на директорот не се согласува заменик директорот Иљми Селами кој вели дека тврдењата на Симовски ги нема ниту во законот ниту во методологијата.
„Што сакал да каже директорот не знам. Најдобро знае тој и сигурно дека ќе го прашате него, само знам дека тоа што го кажал е грешка. Грешка од две причини. Такво нешто не е предвидено ни со закон ниту со методологијата. Законската одредба е општа и вели дека ќе даде податоци кои се однесуваат на лицето надвор, ги вклучува сите податоци, од матичен број и се друго што се однесува на пописот“, истакна Иљми Селами.
Доколку процесот излезе така како што рече директорот Симовски, албанската опозиција најави иницијатива за спречување. Инаку лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски, денеска процесот го нарече политички договор кој нема врска со пописот. Според него, пролетта 2022 е идеално време за попис. За ова ВМРО-ДПМНЕ започна иницијатива за одлагање на процесот, иницијатива која е доставена во Собрание а Мицкоски очекува до крајот на месецот да започне собирањето потписи, доколку не се појави некоја пречка.
