150 административци кои ќе се систематизираат во МВР, за разлика од останатите, нема да почнат веднаш со работа, поради тоа што треба да ја поминат контролата во Агенцијата за национална безбедност, вели заменик-министерот, Назим Буши.
-Процесот за нивното систематизирање веќе почна и истиот ќе заврши во законскиот рок, меѓутоа претходно сите тие ќе треба да поминат низ контрола на Агенцијата за национална безбедност. Откако ќе заврши контролата на Национална безбедност, тогаш ќе добиеме позитивен или негативен одговор и ќе почнеме со нивната распределба во МВР согласно нивното образование за одредено работно место-вели Буши.
Буши уверува дека доколку административецот ја помине контролата во Агенцијата за национална безбедност, тогаш ќе почне со работа во МВР. Но, што ако процесот не го заврши успешно?
-Мора да се врати. Мислам дека не се враќа во Министерството со кое раководи г.Груби, туку во Министерството за јавна администрација, кај министерот Јетон Шаќири-рече Буши.
Го прашавме вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, што ќе се случи со оние кои нема да ја поминат контролата на Агенцијата за безбедност, на што тој ни одговори кусо:
-Имаа претходна контрола пред да бидат ставени на листа.
Побаравме од Груби подетално објаснување за ова прашање, но не добивме. Низ процесот за контрола на Агенцијата за безбедност минува секој вработен во МВР, било во администрација на институциите или во другите сектори-вели Груби.
Систематизацијата на 150 административци во МВР се прави во рамки на распределбата на државните службеници кои земаа плата, но не одеа на работа. Сега, со новиот план, 1.349 административци ќе бидат распределени во 237 институции.
