Бројот на дијабетичари во Македонија продолжува да расте. Лошата исхрана, недостатокот на физичка активност и дебелината се главни фактори за развој на дијабетес, кој носи ризик од кардиоваскуларни и други сериозни заболувања. За да се спречи појава на болеста, потребно е повеќе да се внимава на здравјето, да се избегнува пушењето, да се контролира тежината и да се зголеми физичката активност. Ова беше истакнато на настанот по повод Светскиот ден на дијабетесот.
Во Македонија има 120.000 регистрирани дијабетичари, од кои 4.000 се со тип 1. Иако проблемот со инсулинот е решен, лековите за спречување на компликации се достапни само за мал број пациенти. Од Сојузот на дијабетичари се надеваат на побрзо решение на овој проблем.
„Очекуваме лековите да се додадат на позитивната листа и да се зголеми буџетот за терапијата за 10-15%“, вели Диме Велев, претседател на Сојузот на дијабетичари.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, истакна дека Комисијата формирана од Министерството ќе донесе одлука за додавање нови лекови на позитивната листа.
„Комисијата ќе предложи кои лекови треба да се вклучат, врз основа на анализите и податоците“, изјави Таравари.
Изминатата година беше исклучително тешка за дијабетичарите поради недостатокот на терапија.