Во 2025 година е регистриран пораст на бројот на пријавени полнолетни сторители на кривични дела, додека бројот на обвинети и осудени лица бележи намалување, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Според статистиката, во текот на годината биле пријавени 14.237 полнолетни сторители, што е за 6,5 проценти повеќе во однос на 2024 година. Во исто време, бројот на обвинети изнесува 6.996, а осудени се 6.371 лице, што претставува пад од 7,7 проценти кај обвинетите и 5,7 проценти кај осудените.
Најголем дел од кривичните дела се однесуваат на имотни деликти и сообраќајни прекршоци. Кај делата против имотот се евидентирани 3.484 пријавени сторители, додека кај делата против безбедноста во сообраќајот има 3.216 пријавени лица.
Значителен број случаи има и кај делата против јавниот ред, животот и телото, како и против слободите и правата на граѓаните.
Кај децата во судир со законот се регистрирани 505 пријавени случаи, 305 обвиненија и 196 осуди. Во споредба со претходната година, бројот на пријавени малолетници е зголемен за 3,9 проценти, додека бројот на осудени е намален за 34,7 проценти.
И кај малолетниците најчести се имотните деликти, по што следуваат делата против јавниот ред, животот и телото и безбедноста во сообраќајот.
