Се собраа за да разговараат за економија, но ниту амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, ниту пак на Германија, Анке Холштајн на првиот Економски форум во Скопје не заборавија да се осврнат и на разочарувањето што Северна Македонија не успеа да добие датум за отпочнување на преговорите. Германската амбасадорка рече дека нејзината држава останува најголем поддржувач за членството на Македонија и дека ќе работат тоа да се случи. Членството на Западен Балкан во ЕУ е заедничка визија и геостратешки интерес, па затоа Германија останува посветена на оваа цел.
-Приоритет на владите мора да бидат кредибилни реформи, а Европската унија мора да стои на своите заложби и мора да важи пристапот „вие испорачувате, ние испорачуваме“. Важно е пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија да почнат што е можно побрзо. Португалското претседателство направи сѐ, но како што изгледа, претстојното словенечко претседателство ќе треба да прeземе-рече Анке Холштајн.
Амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, рече дека Северна Македонија ѝ припаѓа на ЕУ, додавајќи дека треба да продолжи работата во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и инфраструктурата.
-Разочарани сме што земјите-членки на ЕУ не успеаја да ја усвојат преговарачката рамка за Северна Македонија на вчерашниот состанок на Советот за општи работи. Но, нема сомнеж дека Северна Македонија ги исполни неопходните задачи за отворање на пристапните преговори со ЕУ и тоа е чекор што веруваме дека ќе ја зголеми регионалната стабилност и ќе ги подобри политичките и економските врски и ќе им помогне на трансатлантските односи-рече Брнз.
Поради историско-јазичниот спор Бугарија ја потврди блокадата за Северна Македонија. По средбата на шефовите на дипломатиите на Советот за општи работи, секретарката за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закариас, потврди дека на средбата не е постигнат договор за преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија. Додаде дека напорите ќе продолжат за време на словенечкото претседателство, потпирајќи се на предлогот кој португалското претседателство го стави на маса.
