Министерството за здравство по изборите ќе ја разреши од функција директорката на Клиниката за кожни болести, Нина Цаца Биљановска, која по враќање од Италија 5 дена редовно одела на работа, со што го загрозила здравјето на персоналот и пациентите. Поради ова, клиниката во наредните 14 дена нема да работи. 11 пациенти кои биле хоспитализирани и 13 кои биле прегледани минатата недела, ќе бидат во домашна изолација поради опасност од заразување со коронавирус.
Освен нив, во домашна двонеделна изолација ќе бидат и 64 лекари и 103 лекари кои учествувале на Симпозиумот одржан в сабота, каде предавање одржала заразената директорка со коронавирус. Меѓу нив имало и 3 доктори од Грција и лекари од Кожната болница Штип, поради што клуч ќе се стави и на оваа болница.
Со последниов случај, бројот на заразените се искачи на 4. Сега за сега сите се во стабилна состојба, при Инфективната клиника. И покрај тоа што за две недела беа регистрирани 4 случаи на коронавирус, ниту границите, ниту училиштата нема да се затворат. Министерот Филипче изрази длабоко разочарување што граѓаните не се придржуваат до препораките и превентивните мерки за автоизолација по пристигнување од ризичен регион и најави санкции. Кривичниот законик, односно Членот 205 за пренесување заразна болест предвидува казна затвор од три години како кривично дело против човековото здравје.
„Тој што со кршење на прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни болести кај луѓето или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полово дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три година.“, се вели во Членот 205.
Реагираше македонската опозиција. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека оние кои треба да се грижат за здравјето на граѓаните, всушност го загрозуваат. Тие го осудуваат случајот и го обвинуваат Филипче дека знаел, но не ја информирал јавноста. Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека случајот го пријавиле колегите на директорката Биљановска, а не самата таа. Во Дебар 8 лекари кои биле во контакт со заразената брачна двојка, се во домашна изолација. Министерот Филипче меѓу другото извести и дека се тестираат осум лица со симптоми на коронавирус.
