Министерот за правда, Кренар Лога рече дека му е драго што Орце Камчев се најде на црната листа на САД, но дека му е жал што судските органи во Македонија не ги гледаат овие нерегуларности. Лога рече дека како член на Судскиот совет ќе побара да се проверат сите пропусти кои се направени во сите предмети во кои е обвинет Орце Камчев.
„Со г. Камчев се случи тоа што се очекуваше да се случи, всушност судските органи во Македонија не го гледаат г. Камчев дека е еден од главните спонзори за уништувањето на СЈО и неговото име се поврзува со многу проблеми денес во земјава. Драго ми е што тој се најде на црната листа на САД. Жал ми е што судските органи во Македонија не го видоа тоа и не продолжуваат да гледаат со исти очи како што гледаат граѓаните во земјава“, вели Кренар Лога.
Од ДУИ за ТВ21 велат дека одлуките на САД за санкции се добредојдени и дека се заинтересирани за засилување на партнерството во врска со владеењето на правото и борбата против корупцијата.
„Добредојдени се одлуките кои се однесуваат на политиката и санкциите. Секој успех на нашата земја во суштина ја има американската поддршка, затоа сакаме да го зајакнеме уште повеќе партнерството во врска со владеењето на правото, борбата против корупцијата, начинот на кој работат носителите на јавни функции и дека таквите ставови се претворени во формални одлуки во ДУИ“, вели Арбр Адеми.
Ова е уште еден доказ дека државава е заробена и дека судството е во служба на политичарите.
„Тоа што Движење Беса постојано го повторува дека оваа држава е заробена и дека судството е во служба на политичарите и нивните кланови, сега го потврдува и црната листа на Стејт департментот на САД. Ние ги поздравуваме постапките на Стејт департментот и го охрабруваме да продолжи со откривање на криминалот и корупцијата во земјава“, порача Абдуш Демири.
Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер соопшти дека САД ќе продолжат да промовираат отчетност за индивидуи и субјекти кои ја поткопуваат и загрозуваат стабилноста на Западен Балкан со корупција. Пред неколку дена Стејт департментот го прогласи за персона нон-грата градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.
