Бурни реакции по вчерашните протести на кои излегоа илјадници граѓани да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија и да го искажат револтот од ниските плати во земјава. Владеачката ВМРО-ДПМНЕ протестот го оквалификува како политички, а првите луѓе на ССМ, како политичка марионети на опозицијата. Велат поддршката од СДСМ и Левица за ССМ е само доказ дека тие немаат никаква искрена намера, туку само напад кон Владата, која дава се од себе за зголемување на платите и на пензиите.
„Работниците останале без 600 евра минимална плата во 2028 година поради ССМ, Слободан Трендафилов и Трпе Деаноски. Политичката заробеност на ССМ, од страна на СДС се покажува на дело. Дека на Слободан Трендафилов и Трпе Деаноски како и ССМ како синдикат не им е грижа за работниците, се докажува по тоа дека одбиле 40% зголемување на платите за административните службеници или минимум во бројка, над 10.000 денари за само две години од денес“, изјави Манасиевски.

Од опозициската СДСМ, пак, најавија дека ќе поднесат законски решенија во собранието за покачување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите. Велат ги поддржуваат барањата на работниците и ССМ и дека се отворени за соработка и предлози и се надеваат дека власта ќе ги прифати.
„Ние подготвивме нови законски решенија кои што ќе ги поднесеме во Собранието.Прво предлог на закон за измени на законот за минимална плата, при што предлагаме зголемување на минималната плата во вредност од 600 евра во нето износ, како и замрзнување на платите на функционерите“, изјави Филипче.

Со реакција на социјалната мрежа „Х“ излезе и гувернерот на Народната банка Трајко Славески. Побара одговорно преговарање за платите.
„И покрај манипулациите со бројките од страна на ССМ, факт е дека просечната плата во земјава минатава година порасна номинално за 9,2%, а реално за 5,1%. Очекувањата за стапката на инфлација за оваа година се таа да не надмине 3%. Се поставува прашањето: дали има логика во барањето на ССМ, поддржано од некои политички субјекти заради популистички побуди? Одговорот е повеќе од очигледен – несериозни барања од несериозни субјекти!-напиша Славески.
Синдикалците пак се децидни дека доколку Владата нема слух да седне и да преговара за решавање на прашањето за платите, ќе продолжат со блокади на улиците и на институциите. Не исклучуваат и блокирање на целата држава преку генерален штрајк во јавниот, но и за прв пат во историјата и во приватниот сектор.
